Некомпетентните административци ќе се доквалификуваат наместо да се крати администрацијата.
Во еден од трите закони за реформа на јавната администрација, кои првично беа предложени во Собранието од страна на претходната Влада, а потоа повлечени од процедура, се предвидува формирање на Академија за администрација каде што ќе се доедуцираат кадрите коишто веќе се дел од институциите.
Законите за реформа набрзо повторно ќе се најдат на владина седница, а потоа ќе бидат испратени и во Собрание, вели министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
„Јас сум повеќе за варијантата – во моментов некомпетентните административни службеници да бидат преедуцирани. Секако дека постојат и други решенија, но можеби е интересно решение дел од јавната администрација се намалува по природен пат, по основ на пензионирање, заминување од јавната администрација“, вели Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Откако синдикатите побараа и нова методологија за пресметување на платите според просечната плата, Минчев вели дека ќе се бара решение со кое сите страни треба да бидат задоволни.
„Ние имаме редовен дијалог со синдикатите, овие закони се во фаза на подготовка и се надевам дека во фазата на конечно решение ќе имаме некаков договор на владино ниво, а не посебно како Министерство за јавна администрација. Секако тоа зависи од состојбата на Буџетот и финансиските импликации односно дали ваквото барање на синдикатите ќе придонесе за еден негативен развој на економската состојба“, додава министерот Минчев.
Во моментов огласите за вработување во јавниот сектор продолжуваат да се спроведуваат само врз база на знаење, додека нема законско решение за правична застапеност.
Петар Догов











