За само две недели Предлог-законот за високото образование доби 22 страници забелешки во кои академската заедница, меѓу другото, предлага законското решение за реформа на високото образование да се напише од почеток. Една од клучните за белешки е дека ваков како што е Предлог-законот, се урива автономијата на универзитетот.
Освен веќе пристигнатите забелешки, свои подготвува и Независниот академски синдикат (НАКС), кои наскоро ќе бидат прикачени на ЕНЕР и доставени до МОН и до сите универзитети во државата. Професорката Маја Стевановиќ, која ја раководи работната група за високо образование на НАКС, вели дека бројот на забелешките од Синдикатот е огромен. Таа информира и дека вчера завршила постапката и за собирање забелешки од посебните единици на УКИМ кои од денеска треба да бидат инкорпорирани од страна на Ректоратот, со што наскоро и УКИМ ќе настапи со свои забелешки.
„На почетокот севкупното внимание на академската заедница беше свртено кон условите за избор во звања. Мислам дека и самиот законодавец е свесен дека тие услови се неприменливи, но дека се намерно ставени за да го одвратат вниманието од други членови во законот кои што значат директен упад во автономијата. Едноставно кажано, Министерството повторно се обидува да оствари тотална контрола врз работењето на високообразовните институции и во потполност да ја укине автономијата на универзитетите“, вели професорката Стевановиќ која раководи со работна група за високо образование на НАКС.
Според Стевановиќ, и во двете предложени законски решенија, и за високото образование и за неговиот квалитете, има многу дискриминаторни елементи.
„Генерален заклучок, иако се започна изготвување на овој закон во име на зголемување на квалитетот на високото образование, овој закон ќе донесе, едноставно, потполна политичка контрола, а најмалку ќе може да влијае на подобрување на квалитетот“, вели Стевановиќ, претседателката на НАКС.
За Предлог-законот со став се огласи и професорот од правниот факултет при УКИМ, Тони Дескоски, кој на Фејсбук напиша дека освен Институтот за меѓународно право кој имал 28 забелешки, со бројни забелешки на Предлог-законот се произнеле и другите катедри од правниот факултет, чија заедничка констатација е дека понуденото законско решени е неквалитетно.
„Едноставно, нацртот на ЗВО под плаштот на некаква реформа која ќе го зголеми квалитетот на универзитетското образование, всушност во огромен обем ја руши автономијата на универзитетот“, пишува Дескоски.
Спорна измена, според Дескоски, е и укинувањето на забраната дека на ист факултет не може да се ангажираат деца на професори. Дескоски дава забелешка и на членот со кој би се овозможило префрлање на професор од една во друга јавна високообразовна или научна установа, без спроведување постапка за избор во установата каде се префрла.
„Нема конкурс, нема утврдување потреба, нема постапка за избор, нема избор од Научно-наставен совет и потврдување од Сенатот (ако е за редовен професор), туку само спогодба меѓу Установите (која ќе ја склучат одговорните лица). Небаре преземате техничка секретарка или дактилограф“, гласи забелешката на Дескоски.
И професорката од правниот факултете при УКИМ, Неда Здравева, преку социјалните мрежи го искажа својот став за предлог-законското решение, наведувајќи дека со него единствено што е сигурно е дека извршната власт би имала има апсолутна власт врз работењето на високообразовните установи и дека ќе може да го диктира нивниот наставен, научен и уметнички дискурс.
Телма побара став од Министерството за образование за забелешките кои стигаат од академската заедница од каде не сакаат да ги коментираат, наведувајќи дека во претстојниот период МОН ќе се одржи дебати за предлог-законските решенија по универзитетите за да се слушнат, но и да се одговори на забелешките.
Првата јавна дебата е закажана за утре на Универзитетот „Мајка Тереза“, по што ќе следат на Битолскиот и Охридскиот универзитет. На 23 февруари ќе се дебатира на УКИМ, а ден потоа на Универзитетот во Штип. Последната дебата ќе биде на 25 февруари со Тетовскиот универзитет и со Универзитетот ЈИЕ.
Тамара Грнчароска











