Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 30 отсто на увоз од Европската Унија кои ќе почнат да се применуваат од 1 август. Новите царини се објавени во писмо што го истакна на социјалната мрежа „Трут сошл“. Американскиот претседател со предупредување до ЕУ – „ако возвратите. ќе бидат поголеми“.
Европската Унија порача дека е подготвена да одговори, иако претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека блокот и натаму е подготвен за разговори со САД. На вработените во Комисијата им е наложено да го прекинат викендот и веднаш да се појават на работа, пишува „Политико“.
Дваесетина, главно азиски земји, веќе примија слични писма од почетокот на неделата, со примена на царини од 25 отсто на производи од сојузници како Јапонија и Јужна Кореја, до 40 отсто за држави како Лаос и Мјанмар. Трамп објави и царини од 35 отсто за увоз од Канада од наредниот месец, а планира да воведе и општи царини од 15 или 20 отсто за најголем дел од останатите трговски партнери на САД.











