Антикорупциска сè уште не добила барањето од Собранието за да даде мислење дали треба да продолжи или да биде ставена во мирување постапката за избор на нејзин претседател, откако викендов беа распишани локалните избори. Од ДКСК кусо ни одговорија:
„Доколку Собранието на Република Северна Македонија достави барање за мислење до Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната комисија ќе се произнесе и за истото ќе ја информира јавноста“, одговор од ДКСК за Телма.
Од собранието велат – најдоцна утре ќе го испратат барањето до Антикорупциска.
„Пo престанокот на мандатот на претседателката на ДКСК, Собранието постапи согласно роковите утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тоа се законски рокови, мора да бидат испочитувани. За натамошното постапување во Собранието ќе се направат соодветни консултации. Дополнително, Собранието во најкус можен рок (денеска или утре) ќе упати барање за мислење до ДКСК“, одговорија од собранието.
Паралелно од ДКСК денеска објавија и известување поврзано со локалните избори и во него е наведено дека мислења нема да даваат.
„Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно одредбите на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нeма надлежност и не дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата“, известување од ДКСК.
Антикорупциска информира дека ќе следи изборниот процес и сомнежите законски прекршувања и ќе презема мерки. Но, барем засега едно столче е празно, она на експретседателката Татјана Димитровска која си поднесе оставка по обвинението за две кривични дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Собраниската комисија за избори и именувања во среда има седница за избор на членови на комисијата која ќе ги сослушува пријавените кандидати за нов претседател на Антикорупциска, но како ќе продолжи оваа постапка ќе зависи од ставот на Антикорупциска.
Ставот на овој состав на комисијата може да се насети и низ нивната досегашна пракса. Лани, пред парламентарните и претседателски избори, ДКСК донесе одлука дека е назаконски да продолжи приемниот испит за 130 слушатели на Академијата за судии и обвинители кој беше започнат една година претходно, затоа што го сметаа за вработување.
Законот за спречување на корупција забранува од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до денот на завршувањето да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Елена Ивановска Мукоска











