Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Антивладини протести во Израел против начинот на кој се води војната во Газа и неослободувањето на заложниците

/

пред 1001 дена

Сподели преку :

Израелските антивладини демонстранти се судрија со полицијата во Тел Авив на најголемиот протест од избивањето на војната во Појасот Газа. Демонстрантите протестираа против Министерството за правда, барајќи нови избори и упатија жестоки критики за начинот на кој се води операцијата во Газа, и неможноста да се вратат израелските заложници кои сѐ уште ги држи Хамас по нападот на 7 октомври минатата година.

Протести имаше и пред резиденцијата на премиерот Нетанјаху, кој претходно одржа говор во кој ја офрли пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој му наложи на Израел да направи сѐ што е во негова моќ за да го намали страдањето на цивилите во Газа.

Осврнувајќи се на протестите на семејствата на киднапираните, Нетанјаху им порача дека тие не ѝ помагаат на владата.

Нам не ни е потребно охрабрување. Според сѐ што гледам, и тоа го велам одговорно и прецизно, тоа само ги зацврстува барањата на Хамас, само ги зголемува нивните барања и нѐ оддалечува од посакуваната цел, враќањето на сите заложнци, рече нетанјаху.

Во меѓувреме, откритието на Израел дека вработени на агенцијата на Обединетите нации за палестинските беглаци учествувале или помагале во нападот на 7 октомври, предизвика големи бранови во светската јавност.

Агенцијата соопшти дека сите вмешани биле веднаш отпуштени, а било отворена и интерна истрага, но штетата веќе беше направена. 8 земји, меѓу кои и најголемите донатори САД и Велика Британија, соопштија дека под итно го прекинуваат финансирањето на агенцијата, поради што нејзиниот директор, Филип Лазарини мораше да реагира.

Лазарини, сепак немаше лице да се појави пред камерите, туку објави соопштение во кое изјави дека е шокиран од одлуката на земјите да ја казнат агенцијата која опслужува цела една заедница поради сомнежите за извршени злосторства од страна на неколку индивидуалци.

Поради тоа, мал дел Израелци денеска протестираат на граничниот премин кон Газа преку кој влегува хуманитарна помош во појасот, барајќи да запре хуманитарната помош се додека Хамас не ги ослободи сите заложници.

Од другата страна на границата, Палестинците заглавени во Кан Јунис, каде со недели се водат жестоки борби, остануваат заглавени помеѓу Хамас и израелската армија.

Има многу тенкови, војници насекаде, се кренаа ционистички знамиња над зградата на судот и рушевините. Сѐ е уништено, сѐ претворија во песочни дини. Исчезнаа сите земјоделски области, сѐ се претвори во песочни дини, вели еден жител на Кан јунис.

ОН соопштија дека 1,7 милиони Палестинци се внатрешно раселени, а дури две третини од популацијата на Газа, околу 1,5 милиони луѓе се насобрани во засолништа и шатори околу преминот Рафа кон Египет. Според податоците кои ги објавува Хамас, од почетокот на израелската операција во Газа загинале повеќ од 26.000 лица, а најмалку 63.000 се повредени.

Игор Трајков