Владејачката коалиција во Австрија најави денеска дека планира да воведе забрана за користење на социјалните мрежи за деца помлади од 14 години, приклучувајќи се на низа други земји кои подготвуваат онлајн рестрикции за децата.
Александер Прел, член на кабинетот на канцеларот Кристијан Штокер задолжен за дигитализација, изјави дека нацрт-закон ќе биде подготвен до крајот на јуни.
Тој рече дека ќе се користат „технички модерни методи“ за проверка на возраста, кои истовремено ќе ја штитат приватноста на корисниците.
Сè уште не е јасно кога планот за воведување минимална возраст, кој ќе треба да биде одобрен од парламентот, би можел да стапи во сила.
Австралија во 2024 година стана првата земја што ги исклучи децата под 16 години од социјалните мрежи со цел да ги заштити од штетна содржина и прекумерно време поминато пред екраните.
Слична забрана во Индонезија треба да започне да се применува во сабота.
Во Европа, пратениците во Франција во јануари одобрија закон за забрана на социјалните мрежи за деца под 15 години, со што се отвора пат мерката да стапи во сила на почетокот на следната школска година во септември.
Шпанија минатиот месец најави планови за забрана на социјалните мрежи за лица под 16 годинa, додека Данска уште минатата есен го забрани пристапот за лица под 15 години.
Австриската трипартиска центристичка коалиција сега се приклучува на овој тренд.
„Она што не би го толерирале во живо, не треба да го прифаќаме ниту во дигиталниот свет. Не можеме да ги оставиме ниту младите ниту нивните родители сами да се справуваат со ова,“ изјави вицеканцеларот Андреас Баблер на прес-конференција.
Австриската влада планира забраната да ја надополни со обид за зајакнување на наставата во училиштата за начинот на кој треба да се користат медиумите и за вештачката интелигенција.











