Агенцијата за храна и ветеринарство и ВМРО-ДПМНЕ трет ден во војна околу афлатоксинот во млекото. Од опозициската партија и денеска, овојпат, преку соопштение ја нападнаа Агенцијата дека спие, со повторно тврдење дека такво млеко завршило во маркетите низ земјава.
„Млеко и протеински јогурт со афлатоксин завршило во маркетите, АХВ спие, се буди само кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги фати на дело. Млеко и протеински јогурт со афлатоксин од Србија влегле во Македонија, и завршиле по трпезите на граѓаните“, наведуваат во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Агенцијата пак, од каде два дена преку соопштенија ја уверуваат јавноста дека млекото со поголема концентрација на афлатоксин не е дозволено да влезе во земјава денеска лично се огласи и нејзиниот прв човек, Николче Бабовски. Тој и порача на опозициската партија дека не ја познаваат ниту проблематиката ниту процедурите.
Бабовски притоа рече дека доколку некој купи во маркетите млеко од посочените спорни пратки, со фискална сметка, да го однесе во АХВ.
Бабовски ги отфрли и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека и од домашна млекара во промет е пуштено млеко со афлатоксин. Тој информираше дека по контролно второ мерење на концентрацијата на афлатоксин во млекото во една поголема домашна млекара било утврдено дека концентрацијата е во дозолени граници, како и дека тоа млеко завршило за преработка во млечни производи, а не како свежо млеко за консумирање.
Ова е вторпат за помалку од една година јавноста да биде алармирана за млеко со поголема концентрација на афлтоксин од дозволеното, кое доаѓа од соседството. Проблемот настанува поради различните дозволените референтни вредности за афлатоксинот во млекото, па така во две соседни држави реферетна вредносте 0,25, додека во Македонија, која е усогласена со европскиот правилник, референтната вредност е 0,05.
Инаку афлатоксинот го произведеува мувлата аспрегилус флавус (Aspergillus flavus). Таа во млекото знае да дојде преку житото со кое се хранат кравите, доколку тоа се чувало во влажни услови. Сепак за да се покажат симптоми кај луѓето од консумирање на токсинот, според експертската јавност, потребно е тој да се внесе во големи колични во организмот, што преку консумирање млеко би значело години и години пиење млеко со афлатоксин.
Тамара Грнчароска











