Овој Бадник скопјани не ги разбуди загаден воздух, а во меѓувреме загадувачите добија казни. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју ер“, нивото на ПМ честички денеска во главниот град е 47, далеку зад нездравите параметри во изминатиот период.
На листата на најзагадени 15 градови во светот во моментов нема ниту еден од Македонија. Сепак во зима ретки се деновите кога се дише чист воздух, а со загадувањето државата се бори со децении наназад вели Кирил Ристовски од Флоразон.
Научната фела, според него, ги има пронајдено изворите на загадување и предложила конкретни решенија, но властите со проблемот се занимаваат само парцијално.
Како главен предизвикувач или фактор за наршувањето на квалитетот на амбиенталниот воздух, посебно во зимскиот период се домаќинствата, односно начинот на кој што тие се загреваат. Секако тука на второ место е сообраќајот, па дури на трето место се наоѓа индустријата и градежништвото. Секако сите овие имаат да кажеме горе дело подеднаков удел во кумулативната состојба со амбиенталниот воздух, меѓутоа треба да се гледаат резултатите и параметрите на периодично ниво, односно сезонски, вели Ристовски.
Државниот инспекторат за животна средина до 20 декември минатата година спровел 1.700 инспекциски надзори за амбиентален воздух, а покренати се четири кривични пријави и над 30 прекршочни постапки. А и според инспекторатот најголемо влијание врз квалитетот на воздухот во Скопје имаат домаќинствата, па потоа сообраќајот и индустријата.
Ристовски смета дека падот на животниот стандард на граѓаните е причината поради која домаќинствата загадуваат.
Буквално во тие домови во периферијата на градот се согорува се и сешто. Од стар мебел, отпадни материи и други видови на отпад, а неретко се среќаваме и во локалните компании кои се во надлежност на општините, пред се малите услужни сервиси, автомобилски сервиси да ги загреваат нивните простории со отпадни моторни масла што е забрането со закон и исклучително неповолно влијае врз квалитетот на воздухот во нашиот град, додава тој.
Првиот човек на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека биле преземени засилени инспекциски контроли и од 6 ноември до 1 јануари изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра. Ристовски пак смета дека праксата покажала дека загадувачите и покрај казните продолжуваат и понатаму да загадуваат, а тоа е веројатно резултата на висината на изречените глоби.
Марија Митевска











