Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Бајден изрази загриженост поради средбата меѓу Орбан и Трамп

/

пред 959 дена

Сподели преку :

„На светот му се потребни лидери кои се почитуваат и кои умеат да создадат мир, враќањето на Трамп на челната позиција на САД ќе придонесе за постигнување примирје во Украина“, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со поранешниот американски лидер Доналд Трамп. Од штабот на кампањата на републиканецот кој повторно се бори за мандат во Белата куќа соопштија дека двајцата политичари разговарале за широк спектар на прашања кои влијаат и врз Унгарија и врз САД, вклучувајќи го и значењето на силните и безбедни граници за заштита на суверенитетот на секоја нација.

Инаку, Орбан e познат противник на ширењето на НАТО и дополнителната помош за Украина, а европските лидери го обвинуваат и за поткопување на демократијата во Унгарија поради ослабнувањето на правосудниот систем и притисокот врз независните медиуми. Покрај тоа, Орбан е и близок сојузник на рускиот претседател Путин.

Од администрацијата на актуелниот претседател на САД Џо Бајден потврдија дека Белата куќа не испратила покана за состанок со унгарскиот премиер, но и дека тој не побарал такво нешто на неделнава турнеја во САД. На новинарското прашање дали е загрижен за оваа средба, демократот одговори: „Ако јас не сум, би требало да сте вие“.

По четврточното обраќање за состојбата на нацијата на коешто за Трамп зборуваше како за „негов претходник“, Бајден на собирот во Пенсилванија – една од клучните сојузни држави за изборите во ноември – повторно ја искористи можноста да ја критикува политиката на републиканците и најави силна борба против противникот.

„Народе, нашите слободи се на гласачкото ливче во ноември. Доналд Трамп и републиканците од МАГА се обидуваат да ни ги одземат слободите. Не претерувам. Е, па погодете што? Ние нема да им го дозволиме тоа“, изјави Бајден.

Претседателските избори во САД се закажани на петти ноември. Гласачите ќе избираат и потпретседател. Мандатите на двете функции траат четири години. Претседателот Бајден се бори за нов, а неговиот претходник Трамп е во трка за втор, но не последователен мандат. Инаугурацијата на новиот шеф на Белата куќа ќе се одржи на 20 јануари идната година.