Три ординации, низа прегледи и терапии – шест дена битка за живот завршија со трагичен епилог, откако 14-месечно бебе почина на Клиниката за детски болести во Скопје. Здравствените инспектори спроведоа вонредна инспекциска контрола, по пријавите на родителите, која покажала дека симптомите на повраќање кај детето се појавиле последниот ден од септември, по што родителите прво се обратиле на матичниот лекар, а потоа на детската клиника.
И покрај добиената терапија, здравствената состојба не се подобрила, а бебето, сепак, било испратено на домашно лекување. Родителите повторно побарале помош, прво во болницата во Козле, а потоа се вратиле на детската клиника, каде што бебето било префрлено на одделот за интензивна нега. Состојбата се влошила, а последниот обид за реанимација на Клиниката за детски болести бил безуспешен.
Обдукцијата на телото треба да ја открие причината за смртта, а Министерството за здравство формира комисија за стручен надзор за утврдување на можни лекарски грешки и пропусти во протоколот за лекување. Роднините на бебето изразија незадоволство, сметајќи дека причината за трагедијата е непотребното препраќање од една во друга клиника и ненавремената хоспитализација…











