Болницата за белодробни заболувања кај деца „Козле“ веќе втор ден е без вода. Заради тоа, децата што треба да бидат хоспитализирани ќе се пренасочуваат на Клиниката за детски болести и Инфективната клиника. Во „Козле“ ќе се вршат само дневни прегледи.
„Новите пациенти кои ќе доаѓаат, а се за хоспитализација ќе бидат пренасочувани на Клинички центар. Невозможно е да се лекуваат пациенти во болнички услови без вода“, изјави Катерина Бошковска, директорка на Клиниката за респираторни заболувања Козле.
Од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека болницата „Козле“ има интерен проблем со инсталацијата, кој не е во нивна надлежност.
„Во текот на денов нашите екипи констатираа дека после главниот водомер преку кој се испорачува вода во болницата „Козле“ настанат е дефект на водоводната инсталација и истата е во надлежност на самата клиника“, изјави Зоран Недевски, ЈП „Водовод и канализација“.
Истовремено, маката со вода продолжува и за жителите во некои делови од Скопје. Тие велат дека со денови имаат вода само навечер. Се снаоѓаат како знаат. Сметаат дека тоа е срамота за 21 век.
„Летно време е, температурите се многу високи, само кратко да излезеш кога ќе се вратиш мораш одма да се истушираш“, вели жителка.
„Многу е страшно. Се обидуваме некако да се снајдеме. Си купуваме вода за пиење и кога ќе дојде ноќе водата полниме за останатите потреби“, додава друга жителка.
„Проблемот со водата е голем. Овде има деца и возрасни луѓе, а вода немаме, тоа е многу страшно. Околу 2 часот ноќеска доаѓа вода и има до 8 сабајле и толку. Ние тоа време спиеме, кога да станеме да наполниме? Па мораме да одиме до црквата да полниме техничка вода. Ова е срамота. Нека застане некој надлежен и нека го реши проблемот, а не само да го запрат вентилот и толку да биде, тоа не е решение“, вели граѓанин.
Од Водовод апелираат на рационално користење на водата – особено во екот на летните горештини. Проблемите не се од вчера, туку се таложат подолго време. Рационалното користење е клучно за надминување на проблемот со намалениот притисок, велат од Водовод. Инспекторите се на терен и лоцираат нелегални приклучоци, односно кражби на вода.
„Да не се врши злоупотреба на водата од типот на непотребно полевање на бавчи, ниви, разладување улици, перење автомобили, полнење базени и диви приклучоци“, додава Недевски.
Од Водовод забележуваат дека потрошувачката на вода оваа година е зголемена за 15 до 20 проценти.
Тамара Марковска











