Немаме сценарио Б, имаме само сценарио А и ЕСМ мора да застане на здрави нозе и да се врати во финансиска кондиција, рече првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски во вечерашното интервју во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Намалување на трошоци и зголемување на производство. Нема друга опција“, порача Бислимовски.
Македонија, нагласи Бислимовски, е членка на Европската енергетска заедница и има преземено обврски.
„Во однос на јагленот, ние не сме некоја енергетски богата земја, имаме ресурси. Немаме. Од ресурсите сме го имале јагленот, го имаме уште, да видиме до кога ќе можеме да го користиме додека ја правиме трансформацијата. Сме кажале дека во Битола од 2025 година ќе се направи когенеративна постројка. Да отидеме, ќе видиме дека нема. Тој процес на изградба на нови когенеративни постројки кои што мора да ни ги заменат блоковите во Битола, мора да го реализираме. И тоа час поскоро“, вели првиот човек на РКЕ.
Тој вели дека се изградија многу обновливи извори во државата која има потреба од таа базна енергија за да функционира системот.
„Ако капацитетот на трите блока во Битола е 700 мегавати, ние реално на мрежа имаме 450-460, нам дефакто еден блок ни е надвор од игра. Поради тоа што имаме помалку квалитетен јаглен таму, не секогаш се знае со каков квалитет е увозниот, па се меѓа со нашиот и има проблеми при самото производство на електрична енергија и затоа има чести испади“, вели Бислимовски.











