Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Битола повторно со вода за пиење – по 18 часа отстранет дефектот

/

пред 793 дена

Сподели преку :

По 18 часа, ЈП „Водовод“ од Битола го отстрани дефектот на главниот цевковод во пумпната станица и некаде после 20 часот од таму најавија дека ќе почне нормализирање на водоснабдувањето на градот. Дел од домаќинствата во пониските зони и централното градско подрчаје вечерва почнаа да добиваат вода, а во повисоките делови на градот сè уште чекаат.

Водоснабдувањето во Битола, прекина два часа по полноќ откако пумпната станица на ЈП „Водовод“ остана без струја, што предизвика оштетување на витален дел од водоводниот систем. Подоцна беше испразнета целата мрежа, а екипите на „Водовод“ го санираа дефектот вечерва.

„Поради испад од електричната мрежа на пумпната станица, дојде до голем хидрауличен удар на затворачот Ф-500 од потисниот цевковод и настана голема пукнатина. Станува збор за најзначајниот дел, срцето на „Водовод“, потисниот цевковод, од каде ја испумпуваме водата од Стрежево и ја носиме до домаќинствата“, вели Андреј Гинов, директор на ЈП „Водовод Битола“.

Битолчани беа револтирани поради повеќечасовниот прекин на водоснабдувањето, па побрзаа да набават барем вода за пиење, а маркетите ги трошеа последните количини. Без вода останаа и цистерните на „Водовод“, па Клиничката болница во Битола и Здравствениот дом беа снабдувани со цистерни од приватна компанија.

Ова лето со чести проблеми во водоснабдувањето се соочува централниот дел од градот и покрај Пелистерските извори и вештачката акумулација Стрежево. Од „Водовод“ тврдат дека станува збор за енормно зголемена потрошувачка и нерационално трошење на водата, поради што повисоките катови од зградите се соочуваат со намален притисок. Но, денеска без вода остана цела Битола поради голем дефект на главниот цевковод.

Емилија Мисирлиевски