Со глобалното затоплување, се влошуваат и екстремните временски услови. Во едно од најновите истражувања, се вели дека климатските промени предизвикани од човекот ги зголемија врнежите од дожд за дури 50%, што предизвикаа неверојатни поплави, посебно во Пакистан.
За време на тие три месеци, додека една третина од Пакистан беше поплавен, шест енергетски компании – ExxonMobil, Chevron, Shell, BP, Saudi Aramco и Total Energies – остварија профит од 97,49 милијарди долари.
Ова предизвика револт кај сиромашните земји, на кои им се придружија и светските лидери, како американскиот претседател Бајден, и заедно со ОН побараа фирмите за фосилни горива да плаќаат дополнителен данок на добивка. Се очекува дел од тие пари, заедно со дополнителната помош од богатите нации кои исфрлиле најголем дел од гасовите што ја задржуваат топлината, да се искористат за плаќање на земјите кои се жртви на ваквото загадување.
Директорката на Програмата за животна средина на Обединетите нации, Ингер Андерсен, изјави за Асошиетед прес дека „мора да постои веродостоен пат за да се дојде до нешто значајно во загубата и штетата“.
Парите за загуба и штета се разликуваат од два други системи за финансиска помош кои се веќе поставени за да им помогнат на посиромашните нации да развијат енергија без јаглерод и да се прилагодат на идното затоплување.
Откако со години не сакаа да зборуваат за климатските промени, американските и европските претставници сега велат дека се подготвени да имаат дискусии за загуба и штета.
Но, САД, кој е број 1 историски загадувач со јаглерод – нема да се согласат со ништо што звучи како одговорност, вели американскиот специјален претставник Џон Кери.
Емисиите во САД кои создадоа потопли температури предизвикаа штета од најмалку 32 милијарди долари на пакистанскиот бруто-домашен производ помеѓу 1990 и 2014 година, според пресметките на климатските истражувачи од Дартмут. Соединетите држави за 16 дена внесуваат повеќе јаглерод диоксид во воздухот преку согорувањето на фосилните горива отколку Пакистан за една година, покажуваат бројките на Глобалниот проект за јаглерод.
Но, од Американската асоцијација за гас, одбиваат да се согласат за дополнителни плаќања, и сметаат дека тоа не е начин да се размислува за ова прашање. Од оваа Асоцијација велат дека колку поголема потрошувачка на енергија, толку е поголем квалитетот на животот.
Постојат неколку начини каде може да се најдат некакви договори за ова прашање за време на климатските преговори кои почнуваат денеска во Египет.
Владата на Барбадос предложи промени во начинот на кој мултинационалните развојни банки им позајмуваат на посиромашните нации за да ја земат предвид климатската ранливост и катастрофи. А Пакистан и други сиромашни земји повикаа на олеснување на долгот.
А.Ш.











