Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел вечерва во Брисел изјави дека унијата сака да го вклучи Западен Балкан во својот процес на одлучување, како за надворешната, така и за безбедносната политика, пред влезот на регионот во унијата.
За време на претседавањето со состанокот на министрите за надворешни или европски работи на членките на ЕУ и шесте земји од Западен Балкан, Борел на социјалната мрежа Х, напиша и дека местото на Западен Балкан е во ЕУ. Меѓу темите на вечерашниот министерски состанок ЕУ – Западен Балкан се минатонеделните извештаи на европската комисија за земјите од регионот – пакетот за проширување, почитувањето на надворешните и безбедносната политика и подготовката на декемврискиот самит на ЕУ и Западен Балкан.
Претходно денеска Борел изјави дека партнерите на ЕУ од Западен Балкан мора поблиску да ја координираат својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ.
Министрот за надворешни работи Бујар Османи е во Скопје, каде го отвори состанокот на експертската мрежа на ОБСЕ.
На прашањето зошто не присуствува на министерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан, одговори дека има обврски околу ОБСЕ, и дека во Брисел Македонија има свој претставник.











