Агенцијата за храна и ветеринарство му наложи на струмичкото комунално претпријатие да им обезбеди чиста вода за пиење на граѓаните на Струмица и населените места сѐ дури не се надмине проблемот со водоводната мрежа.
За попладнево е закажана прес-конференција на градоначалникот Костадин Костадинов и раководителот во Комуналец Стојан Ефтимов, на која треба да се образложи ситуацијата и да се кажат можни решенија, но и на кој начин граѓаните ќе се снабдуваат со питка вода во меѓувреме.
Струмица е четврт ден без вода откако во петокот Комуналец соопшти дека анализите на Центарот за јавно здравје покажале дека водата содржи недозволени количини манган и бактерии, поради што не е исправна за пиење. Со решение водата од водоводната мрежа ја забрани за пиење и готвење и Агенцијата за храна и ветеринарство. Комуналното претпријатие информира дека причина за ваквата ситуација е неповолната хидролошка состојба. Водата содржела многу кал и не било возможно да се исфилтрира до ниво на консумација.
Истиот ден кога се соопшти забраната за пиење на водата од струмичкиот водовод подружницата на АД Водостопанство Струмичко поле побараа Комуналец да го плати долгот за вода кој достигнал до речиси 70 милиони денари.
Сузана Мицева











