Индустријата за видео игри во Обединетото Кралство, која има годишен придонес од околу 9 милијарди фунти и вработува над 73.000 луѓе, се соочува со сериозна криза по повеќе од една деценија раст.
Според досегашните анализи, комбинацијата од политичка нестабилност, промени во даночењето како и регионалните економски притисоци довеле до затворање на повеќе компании.
Ова е забележано особено во новиот систем на даночни кредити за видеоигри (VGEC), кој иако предвидува поддршка од 34%, поради даночни обврски реалната корист значително се намалува. Дополнително, условот за најмалку 10% локално трошење во Обединетото Кралство, според индустријата, ги става во неповолна позиција помалите и независни гејминг компании.
Во Лондон, високите трошоци и инфлацијата доведуваат до консолидација на пазарот, додека во Шкотска се предупредува на одлив на млад кадар во странство поради ограничени можности за вработување.
Податоците покажуваат пад на вработеноста во секторот, затворање на над 1.500 работни места и намалување на бројот на нови стартапи на најниско ниво во последните 15 години. Во исто време, дел од компаниите сè уште пријавуваат недостиг на квалификуван кадар, особено во програмерски и аналитички сектори.
Организациите предупредуваат дека без стабилна регулаторна рамка и појасна државна стратегија, Обединетото Кралство ризикува да ја изгуби водечката позиција во глобалната индустрија за видео игри.











