Во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицоски за Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците подготвен од македонската влада, одговорија од официјална Софија , изразувајќи притоа загриженост за, како што велат од бугарското Министерство за надворешни работи, последните измислени тези од властите во Скопје што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензуз од 2022 година.
Реакцијата на бугарското МНР доаѓа по изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дадени викендот, во кои тој наведе дека Акцискиот план бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но оти Софија го одбила, покажувајќи на тој начин дека проблемите што Бугарија ги има со нашата земја се подлабоки и немаат врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија.
Според Мицкоски, Бугарија е единствената земја членка на ЕУ што има забелешки на документот, а тие, како што кажа вчера, се однесуваат на тоа што Планот е напишан на македонски јазик.
Од друга страна, во текстот на бугарското МНР објавено на официјалната веб-страница, се вели дека прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на малцинствата и заедниците што се очекува од Скопје е внатрешно прашање на С Македонија и оти тоа не е тема на билатералните односи.
-Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопјe да им го претстави нацрт-планот на своите граѓани на англиски јазик е тешко за објаснување, особено ако се планира Планот да биде реално спроведен, стои во соопштението бугарското МНР.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија, во соопштението наведуваат дека Планот за правата на заедниците е чекор што треба да следи по внесувањето на Бугарите во Уставот во земјава, што сè уште претостои да биде направено и што ќе ѝ овозможи на С Македонија да ги отвори преговорите за пристапување.
Бугарското МНР, како што се додава, во исто време ги поздравува зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека „во Планот ќе бидат внесени сите други забелешки“ на бугарската заедница и оти сметаат дека тој ќе си го одржи ова ветување кон нив.
Инаку, Мицкоски во саботата изјави дека Акцискиот план за правата на малцинствата е изготвен, но оти наишол на забелешки, односно не бил прифатен од Бугарија. Додека во текот на вчерашниот ден, одговарајќи на новинарски прашања наведе дека главната забелешка на Софија била што документот бил напишан на македонски јазик.











