Вилма Русковска, обвинителка од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, (ОЈО ГОКК), Ермон Незири, обвинител од Скопското основно Обвинителство, Деса Пауноска и Ислам Абази од Вишото Обвинителство во Гостивар се четворицата кандидати кои ќе се најдат на гласачките ливчиња за избор на ОЈО ГОКК.
Петтата пријавена кандидатка, Енѓелуше Кадриу Леши, според Советот на јавни обвинители, ја повлекла пријавата.
„На денешната седница Советот на јавните обвинители на РСМ ја изготви листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите за избор на основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се наведува на сајтот на ОЈО ГОКК.
Гласањето е закажано за 7 ноември (понеделник). Со институцијата во моментот раководи Трајче Пеливанов, како в.д., по мерката за оддалечување од работното место на Русковска. Таа ѝ беше одредена по претресот во Управата за финансиска полиција и кривичната пријава што ексдиректорот Арафат Муареми ја поднесе против неа.











