По само три месеци од добивање на лиценцата, на сообраќајниот испитен центар „Супер возач“ во Битола изречена му е забрана за работа од 30 дена од Министерството за внатрешни работи, поради тоа што не ги исполнува потребните услови. Во овој период кандидатите нема да можат да полагаат за возачка дозвола. На некои од нив, до повторното отворање на центарот на 13 септември, ќе им истече важноста на лекарското уверение, а на други нема да им важат положените тестови. Автошколите пак веќе ги бројат финансиските загуби.
- „На веб-страницата има известување дека испитниот центар нема да закажува и спроведува испити од 12 август до 13 септември, но зошто е тоа така, досега никој официјално не не известил. Последиците веќе ги чувствуваме , се намалува бројот на заинтересирани кандидати, што директно се одразува и на нашата работа. Ќе се соочиме со сериозни финансиски проблеми“, велат од автошколите.
Од МВР објаснуваат дека по спроведен надзор во испитниот центар „Супер возач“ е утврдено дека не се исполнуваат одредени услови, поради што е изречена забрана за спроведување возачки испити во рок од 30 дена. Во тој период фирмата треба да ги отстрани констатираните недостатоци.
- „При надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар, потребната документација за возилата кои треба да ги поседува за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит, како и водење на неуредна евиденција согласно член 42 од Правилник за начинот на спроведување на возачките испити„ наведуваат од МВР.
Битола шест месеци, од декември до јуни, остана без сообраќаен испитен центар. „Супер возач“ е регистриран пред една година, а лиценца за работа во Пелагонискиот регион доби пред три месеци. Но, се отвора прашањето како компанијата победи на конкурсот, ако МВР сега утврдува дека не ги исполнува условите. Сопственикот на центарот, Филип Митрески, не одговори на телефонските повици и прашањата на Телма.
Емилија Мисирлиевски











