Да не се брза со Законот за правична застапеност, за да се дојде до применливо и долгорочно решение.
Ваков е ставот на министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Тврди дека во владината коалиција има капацитет за политички дијалог, за потоа преку отворена дебата и јавна расправа да се вклучи и експертската јавност со свои предлози.
Новите правила за вработување по етнички клуч, најпрво ќе мора да поминат низ венецијанскиот филтер. Штом биде изработен, Законот за правична застапеност ќе биде испратен на оценка во Венецијанската комисија.
Според Минчев, потребно е да се дојде до содржина на законското решение којашто нема повторно да биде предмет на судско одлучување. Мерит-системот може да функционира и без алатката Балансер, дециден е министерот.
- „Јас тука нема да потенцирам дека само припадници на етничките заедници придонеле за слаб или лош квалитет на дел од јавната администрација. Тоа не е само етничко прашање. Тоа е и прашање на партиски вработувања, на непотизам, нешто на коешто се темели нестручноста на дел од јавната администрација“ – Горан Минчев – Министер за јавна администрација.
Министерот за здравство и еден од лидерите на Вреди, Арбен Таравари, вели дека за разлика од минатото кога закони биле усвојувани набрзина, Владата сега ќе настојува да обезбеди транспарентност при носењето на новите правила за вработување во јавната администрација.
Тоа што Коалицијата Вреди го има подготвено како Предлог-закон, ќе биде презентирано во рамки на владината коалиција.
- „Предлог-закон од наша страна имаше. Меѓутоа ние во Владата сме три коалиции – ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ со сите партии и ние како Влен. Сега треба да седнеме и да се синхронизираме меѓу нас, да направиме заеднички продукт и тоа да го пуштиме и до јавноста и за јавна дебата и до Парламентот. За тоа повторно ќе ангажираме експерти коишто имаат сенс за оваа работа“ – Арбен Таравари – Министер за здравство.
Претходно, претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, критикуваше дека закони не треба да се прават во партиски штабови, но кажа дека е потребна правичната застапеност на сите групи.
Порача дека ќе поддржи јавна расправа за новиот Закон.
Уставниот суд пред десетина дена го укина Балансерот – алатката за вработување во државните институции според националната припадност.
Петар Догов











