Ниту сум барал ниту сум земал пари за да примам пациент во Геријатрија додека бев директор. Вака денеска се бранеше Мухсин Арифи во завршнитењ зборови на судењето кое се води против него за примање мито од 20.000 евра.
Уште на почетокот на процесот заедно со негувателот Блерим Амити негираа вина, а денеска екс директорот прстот го впери во сведокот кој го пријавил случајот. Ја обвини дека таа нудела пари за да смести жена на 42 години во болница за каде и било кажано дека не и е местото.
- Не кажува вистина, односно манипулира со сите за лукративни цели, а тоа е да се стекне со станот на пациентката. Сето ова 100 отсто го потврдува фактот дека семејството има покренато кривична пријава против сведокот за лажно претставување, злоупотреба и незаконито вселување во станот – Мухсин Арифи – обвинет.
Од обвинителството сметаат дека имало доволно докази од разговори кои го потврдуваат делото за кое го товарат поранешниот директор.
Адвокатот на Арифи пак тврди дека од презентираните докази не се утврдило дека обвинетите барале и земале поткуп, туку напротив се откриле лукративните цели на пријавителката.
Инаку Арифи според обвинението, како првична гаранција побарал пари за да и обезбеди место на 42 годишна пациентка во тешка состојба, а Амити се понудил да посредува во предавањето на поткупот.
На крајот очекувал да добие 100.000 евра откако ќе се продал станот на пациентката од 94 метри квадратни во Капиштец. Случајот во полиција го пријавила нејзината наводна старателка, по што бил фатен.
Одбраната негираше дека воопшто и има и доказ дека е старателка а дека семејството на пациентката сега има поднесено кривична пријава против неа. Пресуда се очекува на 21 месецов.
Билјана Николовска
Б.С.











