Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Директорот на Неврологија земал хонорар од министерството за здравство

/

пред 459 дена

Сподели преку :

Хонорарот на актуелниот директор на Неврологија и екс-министер за здравство, Фатмир Меџити под лупа на антикорупционерите. Државната комисија оформи предмет по сопствена иницијатива за договорот според кој доктор Меџити половина година добивал хонорар од Министерството за здравство, во висина од 1.000 евра на месец. Првичните наводи за случајот ги откри веб-медиумот „Слободен печат“.

„Во рамки на оформениот предмет, ДКСК ќе преземе дејствија за утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај“, соопштија од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Документите до кои дојдовме покажуваат дека договорот на дело бил склучен на 8 јули 2024 година, а важел до крајот на декември. Во него стои дека Меџити секојдневно требало да го советува тогашниот министер за здравство Арбен Таравари, иако паралелно ја извршувал функцијата директор на Клиниката за неврологија. Според членот 4 од договорот, обврските на Меџити биле дефинирани како „секојдневна работа“, што отвора сомнежи за преклопување на работното време и можен судир на интереси.

Според законот за здравствена заштита, за директор на јавна здравствена установа е предвидено секојдневно вршење на обврските поради кои е многу тешко да остане време и за друг ангажман на директорот иако двојната улога не е законски регулирана.

„Работоводниот орган на јавната здравствена установа (во натамошниот текст: директор) го организира и раководи процесот на трудот, го води работењето на јавната здравствена установа, самостојно донесува одлуки во рамките на своите надлежности, ја претставува и застапува јавната здравствена установа спрема трети лица и е одговорен за законитоста на работењето на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет“, се наведува во член 4 од законот за здравствена заштита.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари,  вели дека ваквите ангажмани биле законски и дека не бил исклучок само Меџити.

„Секојдневно доаѓаше по еден до два часа во Министерството и ми даваше совети. Тоа беше дозволено и законски уредено. Не беше единствениот – имаше и други доктори со слични договори за советодавна поддршка” – вели Арбен Таравари.

Прашања упативме и до актуелниот министер Азир Алиу, а одговорите сè уште ги очекуваме.

Тамара Марковска