Во време на распишани избори во Централниот регистар е извршена промена на директор на демирхисарската гимназија.
Наместо досегашната Маја Лозановска, запишана е Јасмина Дамчевска, со што според адвокатот Жарко Стевановски, грубо е прекршен Изборниот законик. Промената е извршена откако битолското обвинителство, ги предаде училишните печати на СВР Битола, кој пак и ги врати на Општина Демир Хисар, а градоначалникот на новоименуваната в.д. директорка.
„Во текот на вчерашниот ден, од страна на новоименуваната в.д. директорка е поднесена пријава за промена на директор во училиштето. Приложени се двете одлуки од градоначалникот, за именување и разрешување, иако останува нејасно како Централниот регистар ги спровел таквите одлуки, имајќи го предвид член 8а од Изборниот законик, кој налага сите постапки за именување и разрешување да мируваат до завршување на изборите, изјави адвокатот Жарко Стеваноски.
Од Јавното обвинителство информираат дека надлежниот обвинител дал насоки до битолската полиција печатите да бидат вратени на општината како основач на училиштето за да се обезбеди негово непречено функционирање.
„До општина Демир Хисар е доставено известување со насоки дека треба да обезбеди правилно чување и користење на печатите, но и да ја разгледа можноста за нивно поништување доколку постојат законски основи, “ наведуваат од ЈОРМ.
Но Стеваноски, најави дека утре ќе поднесе претставка до Антикорупциската комисија и до Државната изборна комисија, а од ОЈО ќе побара одговор врз основа на кои овластувања обвинителот ги предал печатите на општината
-Законот за кривична постапка не предвидува јавниот обвинител во оваа фаза од постапката да може да донесе таква одлука. Тоа е исклучиво надлежност на судија на претходна постапка од Основниот суд во Битола, кој впрочем издаде и наредба за претрес,вели Стевановски.
Пред неколку дена, Стевановски поднесе кривични пријави против шест службени лица – градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, просветни и полициски инспектори обвинувајќи дека организирале незаконска смена на Лозановска со цел партиски вработувања.
На овие обвинувања за спрега засега нема одговор од Најдоски, додека од Просветниот инспекторат велат дека при вонредниот надзор во училиштето биле констатирани неправилности, по кои не постапиле ниту директорката ниту училишниот одбор. Поради тоа, до градоначалникот било доставено решение со предлог мерки за разрешување на Лозановска.
Емилија Мисирлиевски











