Петнаесетина рочишта, судницата во Идризово е арена на спротивставени ставови, преплавена со емоции, гнев и тага, траорни сведочења, болни сеќавања за пожарот во кој згаснаа 63 животи, а над 200 беа повредени. Обвинителството во воведниот говор ја исплете мрежата на одговорност од трагичната ноќ, па деценија и пол наназад на оние кои направиле пропусти.
Одбраната се обидува да ги разниша темелите на обвинението, пред сè, верижната одговорност. Триесет и пет обвинети и три фирми за тешки дела против општата сигурност негираа вина.
Обвинетите уште од воведните говори, товарот на одговорност што им го става обвинителството го префрлаат меѓу себе или на друг на одговорните во диското, бендот или на некоја од институциите. Сепак, сите застанаа на иста линија дека ова обвинение треба да се подели по примерот со обвиненијата за полицајците.
Судењето почна на 19 ноември во 2025 година. Досега се одржаа 15 рочишта и 27 сведоци на обвинителството. Најголем дел од нив ги вратија болните сеќавања и вознемирувачките сцени од пеколната ноќ во „Пулс“. Родителите од рочиштата испраќаат пораки дека правда за 63 згаснати животи мора да има. Нивните воздишки и солзи се потсетник на трагедијата.
Правда, одговорност и демонтажа на системот. Ако тоа беа главните очекувања по трагедијата во Кочани, една година подоцна гладта за правда е уште поголема, а правната разврска е сè уште далечна.
Покрај најголемиот предмет кој се суди во Идризово , за истото дело обвинети се и 13 полицајци, а тоа судење треба да почне на 1 април. Уште две други обвиненија за полицајци се злоупотреба на службената положба. Уште еден предмет е во истрага за даночните инспектори кои му дојавувале на сопственикот на „Пулс“, Јованов, кога ќе има контроли.
Елена Ивановска Мукоска











