Во 2024-тата „Бехтел и Енка“ не добиле ниту денар од буџетот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10Д, но продолжуваат со активности, покажува Извештајот од надзорот за прогрес на работите на Kоридор 8 и 10д за јули.
Јавното претпријатие за државни патишта не ги префрлило договорените 250 милиони евра за реализација на проектот за изградба на автопатските делници од Коридорите 8 и 10Д, кој го спроведува конзорциумот „Бехтел и Енка“, а тоа може да го забави напредокот и да предизвикаат дополнителни трошоци за државата ако не се надминат навреме.
Во извештајот се наведува дека конзорциумот не добил пари во текот на 2024-та година како што е договорено, а нема ниту добиено објаснување за причината од страна на Државни патишта.
Последната трансакција Министерството за транспорт и врски ја исплатило на крајот на минатата година кога на ЈПДП му префрли 43 милиони евра односно последната рата за 2023-та.
„Ова е особено значајно бидејќи проектот предвидува исплати од околу 250 милиони евра само за оваа година. До овој момент, нема префрлена ниту една транскација за оваа намена, што отвора прашања за финансиската стабилност на проектот и можноста за идни доцнења. Претпријатието за државни патишта и понатаму нема објавено конкретни причини за доцнењето на средствата, а проектот се наоѓа во критична фаза на изградба“ е наведено во извештајот.
Но, и покрај ваквата состојба „Бехтел и Енка“ и во јули продолжиле да работат на експропријација, на геотехнички истражувања и на спецификации, како и мобилизација на градежната опрема и екипи.
„Ова сугерира дека изведувачот работи на свој ризик, што е невообичаена пракса во проекти од ваков обем. Останува нејасно дали и кога ќе се реализираат потребните исплати од државниот буџет, што би овозможило непречено продолжување на проектот“, се констатира во Извештајот.
Според податоците од извештајот, земјените работи (топографски теренски прегледи, геодетски мерења конструкциите) како и експропријацијата продолжиле главно на три од четирите планирани делници. Има активности на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола. На делницата број 3 (Требеништа-Струга-Ќафасан), досега нема никакви активности.
Во извештајот се вели дека во последниот период се работело на изградба на камп за работници и дека се врши ископ на градежен материјал, се чекаат и документи за урбани проекти од општините Тетово, Гостивар, Прилеп и Битола. Се споменува дека во тек е и геодетското координирање и мапирање, што според изведувачот е при крај, а поголемиот дел од работата на испитувањето на почвата бил завршен.
На трасата Прилеп – Битола изведувачот утврдил и ризик од детонација поради многу неексплодирани средства (бомби, гранати, гранати, нагазни мини, поморски мини, касетна муниција и друга муниција).
Инаку Министерство за транспорт и врски како капитален расход на изведувачот преку ЈП „Државни патишта“ треба да му исплати износ од 15.100.000.000 денари во текот на 2024-та (околу 245 милиони евра), пишува во официјалната програма, а во актот се вели дека средствата се проектирани согласно договорот со „Бехтел и Енка“ постигнат во март минатата година.
Според официјалните податоци, автопатските делници од коридорите 8 и 10Д се со планирана должина од 109 километри. Треба да се изградат 24 подвозници и 34 надвозници. „Бехтел и Енка“ треба да изградат и мостови во вкупна должина од 4.500 метри (4,5 километри). При градежните активности треба да се ископаат и извадат 21 милион километри кубни земјиште, камења и карпи.











