Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Дома се цепат дрва, по ходници се шетаат кокошки – Телма сторија за животот во социјална зграда во Битола

/

пред 959 дена

Сподели преку :

Иако е стара само десетина години, социјалната зграда на улицата „Кочо Рацин“ во Битола одвнатре изгледа како да се распаѓа. Влагата, која доаѓа од пукнати водоводни цевки, ги разјадува ѕидовите низ заедничките простории и се шири неподнослива миризба. Ходниците некогаш пливаат во вода, која навлегува во становите, па во мувла и влага живее Елена Манговска со своите две деца, како и дел од останатите станари. Велат само делумно се решава проблемот, кој доаѓа од стан на погорните катови, за кој лично се увериле дека во бањата на соседите нема санитарии.

„Влагата потекнува од горниот спрат. Нема плочки, нема фуга, водата тече по подот и протекува кај мене долу. Мислам дека нема тоалетна школка. Не знам уште колку елементи во станот се откорнати и оштетени“, вели Елена Манговска. 

Елена стравува да ги вклучи електричните апаратите, затоа што целата инсталација е во влага.

„Апаратите не ми се приклучени. Кога излегувам од дома ги вадам од штекер за безбедност на децата и на останатите станари. Ќе се запали зградата, вода и струја е“, вели Елена.

Влегувањето низ главната врата во зградата е како магионичарски трик. Изгледа како да минувате низ стакло, затоа што е скршено. Станарите тврдат дека во некои станови откорнат е и паркетот, некои од нивните соседи цепат дрва и дома, а низ ходниците се шетаат кокошки. Во средниот влез од социјалната зграда, иако сите 26 станови се издадени под закуп, населени се само 11.

„Социјалните станови се доделуваат на социјални случаи кои логично е да живеат во тој стан. Оваа зграда повеќе од половина станри се иселени, односно има закупци, но само ги држат клучевите од становите“, тврди Елена Манговска.

Станарите на социјалната зграда велат дека постојано пријавуваат во Јавното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, но велат нема решение за многу проблеми. Од ова претпријатие на прашањата на Телма одговорија дека се вршат редовни контроли, при што е констатирано дека одредени закупци предизвикале сериозна материјална штета во социјалните станови сопственост на државата. Дел се велат санирани, дел се во фаза на санација, а станрите кои ги предизвикале штетите ќе мора да ги платат.

„Против закупците за кои е констатирано дека не се грижат за станбената единица се преземаат мерки, согласно Договорот за закуп, а лицата кои предизвикале штета од поголем обем ќе бидат санкционирани за надомест на материјална штета. Започнати се постапки пред извршител за иселување на станарите за кои по низа проверки е констатирано дека не живеат во распределената станбена единица, како и во случаите на неплаќање закупнина и за предизвикана материјална штета“, велат од АДИССДП. 

Станарите се жалат и на нехигиената пред влезот, како и во просторот меѓу зградите, кој е претворен во депонија, со купиштата пластични шишиња, отпад и гулабарници. Пријавиле во општинскиот инспекторат од каде велат дека е постапено и издадено е решение за отстранување на комуналниот отпад.

Емилија Мисирлиевски