Вонреден инспекциски надзор на здравствените инспектори во Детската клиника – ги проверуваат протоколите на лекување на починатото 7-месечно бебе. Дали тоа било навреме хоспитализирано и соодветно лекувано, ќе се знае утре, за кога Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ги најави резултатите од надзорот.
„Во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за единечен вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести. Причината беше смртта на седум месечно бебе, кое според кажувањето на директорот било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи“, изјави Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
Освен во Детска клиника, здравствените инспектори ќе извршат вонредни контроли и во останатите клиники. Директорот на ДСЗИ вели дека последниот инспекциски надзор на Детска клиника по смртта на 5-годишното девојче покажал дека Клиниката не ги почитува мерките од Инспекторатот.
„Ние по наложените мерки направивме инспекциски надзор со што утврдивме дека делумно е постапено во делот на организација и времените лиценци и факсимили за специјализантите. Издаден беше платен прекршочен налог и роковите течат“, додава Лазаров.
Завчера на Детската клиника почина 7-месечно бебе. Директорот на клиниката, Реџеп Мемеди останува на ставот дека лекарите направиле сè што можеле да го спасат, но безуспешно, бебето имало големи оштетувања на органите. Според првичните и непотврдени информации, лекарите одбиле да го хоспитализираат и го примиле два дена подоцна, кога неговите органи веќе почнале да откажуваат. За краток период зголемена е смртноста на бебиња и деца на Детската клиника, речиси секој месец имаше регистрирано по некој смртен случај.
Тамара Марковска











