Двајца полицајци се убиени а тројца други тешко повредени во заседа на полициски конвој кој превезувал осуденик, соопштија француските медиуми.
Заседата се случила во близина на патарина кај градот Руен во северна Франција, каде конвојот бил пресретнат од неколку маскирани лица во две возила и по кратка престрелка, во која било користено автоматско оружје, лицата го ослободиле осуденикот и избегале заедно во едно возило.
Целата нација сочувствува со семејствата, повредените и нивните колеги, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на платформата Х, поранешен Твитер.
Се прави сѐ за да се откријат извршителите на ова злосторство и да бидат изведени пред лицето на правдата во име на Францускиот народ, порача Макрон.
Француската полиција започна голема потера мобилизирајќи неколку стотици свои припадници. Избеганиот осуденик е 30 годишен криминалец со повеќе пресуди за обид за убиство, кој утрово бил на рочиште во судот во Руен.
Францускиот министер за правда, Ерик Дупонт Морети, изјави дека извршителите ќе бидат откриени и казнети пропорционално со злосторството што го извршиле.
Сѐ, и навистина мислам сѐ, ќе биде употребено за да се откријат извршителите на ова грозоморно злосторство. Извршителите се луѓе за кои човечкиот живот нема никаква вредност. Ќе бидат откриени и казнети пропорционално со злосторството, рече Дупонт.
Министерот уште откри дека двајцата убиени полицајци зад себе оставиле семејства, едниот имал две малолетни деца, додека сопругата на вториот била во петтиот месец од бременоста.











