Двајца битолчани со ножеви нападнале полицајци кои го запреле нивното возило за да извршат сообраќајна контрола на регионалниот пат од Битола кон село Бистрица. На двајцата осомничени одреден им е притвор до oсум дена, на барање на ОЈО од Битола кое поведе постапка против нив. Настанот се случи во средата околу 17 часот кога 32 годишните А.С. од Битола кој управувал со автомобил марка БМВ со битолски регистарски таблици, бил запрен од полициските службеници кои на овај патен правец спроведувале мотоконтрола. Возачот А.С. и неговиот, исто така, 32 годишен пријател, Џ.А., почнале агресивно да се однесуваат и извадиле ножеви со кои им се заканувале на полицајците, а потоа и ги нападнале.
„Едниот од осомничените и физички нападнал полицаец, го турнал и започнал да го стега за вратот, нанесувајќи му површинска телесна повреда. Кога полицајците се обиделе да го совладаат, другиот осомничен се обидел да ги спречи така што ги тргал за рацете и униформите“, се наведува во соопштението на ОЈО Битола.
Двајцата осомничени биле лишени од слобода со засилување од интервентна екипа од битолската полиција, а како што информираат од СВР Битола, кај возачот на А.С .била пронајдена и марихуана. Тие се осомничени за кривично дело напад врз службено лице и за обид за спречување на службено лице за вршење на службено дејствие.
Емилија Мисирлиевски











