Четири лица се приведени во текот на вчерашниот ден, по престрелката која во неделата се случи во Тетово. Приведените се двајца малолетници и две женски лица на 19 и 41 година.
Полицајците направиле и претрес пред приведувањето при што се најдени и предмети од интерес на истрагата.
– На 11.08.2025 во периодот од 12:50 до 15:00 часот во с. Гајре, тетовско, согласно судска наредба, а во врска со вооружената престрелка која се случи на 10.08.2025 во Тетово, бил извршен претрес на повеќе локации во с. Гајре, тетовско, при што биле пронајдени предмети кои се од интерес на истрагата. При претресите биле лишени од слобода две женски лица, А.М.(41) и Е.М.(19), како и двајца малолетници на 15 и 17-годишна возраст, сите од с. Гајре. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и за пронаоѓање на други лица кои биле инволвирани во престрелката, соопшти СВР Тетово.
Инаку стабила е состојбата на сите повредени во престрелката во Тетово и од интензивна нега се префрлени по оддели, информираа вчерa од Клиничкиот центар во Скопје. Според информациите, оперирани се тројца, а никој од повредените не е во животна опасност.
Во неделата по престрелката помеѓу двете групи во населбата Блок 82 во Тетово беше најден еден убиен. Освен тоа двајца мажи на возраст од 32 и 37 години беа ранети во граден кош, девојче на 12 години рането во натколеница, а случаен минувач удрен со возило по што му е скршена ногата.
Престрелка во Тетово: Еден убиен, четворица повредени – меѓу нив и 13-годишно девојче











