Двајца малолетници на возраст од 15 и 17 години се уапсени во тетовско Гајре поради сомнежи дека биле во возилото форд со кое извршиле напад во кој еден тетовец беше убиен, а 4-ца беа повредени. Полицијата се уште трага по третиот осомничен кој пукал со калашњиков кон возилото голф во кој бил убиениот. За двајцата малолетници ќе се бара притвор и задржување.
Во истрагата се приведени и мајката на двајцата малолетници како и девојка од Гајре, нивна блиска роднина чиј автомобил бил користен во убиството и вооружениот напад во неделата.
Покрај членовите на семејството од Гајре, под полициска контрола е и еден ранет кој бил во нападнатиот голф.
Тој е во болница, а според првичните информации излегол од изрешетаниот голф и пукал со пиштол кон малолетните напаѓачи.
Со истрагата е опфатен и суспендиран полицаец. Според првичните наоди, мотивот за нападот е нетрпеливост и одмазда меѓу две семејства во тетовско.
Здравствената состојба на 4-цата повредени е стабилна, информираат од Клиничкиот центар.
Во најтешка состојба е случаен минувач кој бил ранет додека со автомобил се движел по улицата каде се случувала престрелка.
Во престрелката е повредено и девојче кое било во објект на својот татко. Повреден е и 60-годишен тетовец кој бил удрен од автомобил чиј тешко ранет возач се обидувал да стаса до тетовскиот ургентен центар.











