Две од најреномираните израелски организации за човекови права оценија денеска дека однесувањето на еврејската држава во војната во Газа претставува геноцид против Палестинците.
„Бетселем“ и „Лекари за човековите права – Израел“ објавија посебни извештаи денеска врз основа на истражувањата извршени за минатите 21 месеци од конфликтот во Газа.
Организациите, кои се активни во Израел со децении, во заедничкото соопштение, порачаа дека: „во овие мрачни времиња особено е важно нештата да се именуваат со вистинското име“, додека истовремено побараа итно запирање на овие активности.
Извршната директорка на „Бетселем“, Јули Новак изјави дека никогаш не помислувала дека нејзината организација ќе напише ваков извештај.
Во документот на 88 страници се подвлекува дека: „Испитувањето на политиките на Израел во Газа и нивните ужасни последици, заедно со изјавите на високо рангираните израелски политичари и воени команданти околу целите на нападот, не водат до недвосмислен заклучок дека Израел презема координиран постапки намерно да го уништи Палестинското општество во појасот Газа“.
Во својот извештај на 66 страни, „Лекари за човекови права – Израел“, оценува дека нивната анализа фокусирана на здравствениот сектор утврдила дека Израел ја таргетирал здравствената инфраструктура во Газа „на начин кој е истовремено пресметан и систематски“.
„Доказите покажуваат намерно и систематско уништување на здравствениот систем на Газа и системот за одржување на животот – преку таргетирани напади на болниците, опструкција на лекарската помош и евакуациите и убиство на здравствените работници“ – се вели во извештајот.











