Трамп уверува, аналитичарите се поделени. Американскиот претседател се надева дека 60-дневниот прекин на огнот во Газа би можел да доведе до крај на војната. Според него, Израел се согласил на условите, а од Хамас се изјасниле позитивно на катарските и египетските посредници. Од вчера во Вашингтон е и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Не штедеше зборови за Трамп, фалејќи го дека „Израел никогаш немал таков пријател во Белата куќа“.
„Исто така, постои одлична можност, а можноста е да се прошири кругот на мирот, далеку над она што можевме да го замислиме претходно. Веќе го променивме лицето на Блискиот Исток до непрепознатливост и имаме можност и способност да го промениме уште повеќе и да донесеме голема иднина на Државата Израел, на народот на Израел и на целиот Блиски Исток“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Нетанјаху уште еднаш ја потврди целта на израелската офанзива – враќање на сите заложници и елиминирање на воена и политичка моќ на Хамас.
„Има 20 живи заложници и 30 мртви. Јас сум решен, ние сме решени да ги вратиме сите. И, исто така, решени сме да осигуриме дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел. Ова значи дека нема да дозволиме ситуација, на повеќе киднапирања, повеќе убиства, повеќе обезглавувања, повеќе инвазии, а тоа значи едно: елиминирање на воената и политичка моќ на Хамас. Хамас нема да биде таму“, додаде Нетанјаху.
Условите во предлогот на Трамп, како што пренесуваат медиумите, се двомесечен прекин на огнот и ослободување на сите 60-тина израелски заложници кој ги држи Хамас по нападот врз Израел на 7 октомври во 2023 година.
И додека Нетанјаху е во Вашингтон, остануваат тензиите во регионот. Израелската војска утрово нападна поизиции на Хутите во Јемен, на што милитантната група одговори со ракетирање на израелски цели.
„Ова се случува во време кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху патува во Вашингтон на разговори со претседателот Доналд Трамп. Војната меѓу Израел и Хамас, како и неодамнешните воздушни напади на САД и Израел врз нуклеарната програма на Иран, веројатно ќе бидат дел од тие дискусии. Но, со овие напади преку ноќ, и Хутите веројатно ќе бидат и точка на спор“, смета Џон Гамбрел од АП.
Дел од аналитичарите се скептични дека прекинот на огнот ќе води кон траен мир во Газа и на Блискиот исток. Тие веруваат дека Трамп повеќе е фокусиран на ослободување на заложници, отколку на крај на војната во Газа и страдањата на Палестинците. Оние оптимистичните, пак, се убедени дека Трамп го движи желбата за големи договори кои ќе може да ги истакне како сопствени достигнувања за решавање на глобалните прашања.
Сашко Димовски











