Жените жртви на семејно и родово базирано насилство се недоволно заштитени, системот за заштита е недоволно развиен, а бројките на жртви и сторители останува на загрижувачко ниво. Ова е констатирано во извештајот на ДЗР за Имплеметација на Истанбулската конвенција.
Македонија ја потпиша конвенцијата во 2011 ја ратификуваше во 2017. Следната година е донесен акциски план со 53 активности предвидени до 2023. Од нив реализирани се 22 во целост 20 не се реализирани а останатите делумно.
По 23–та година нема донесена нова национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту пак се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство утврдиле ревизорите
Бројот на засолништа и советувалишта за жртвите не одговара на стандардите на Конвенцијата констатира ревизијата. Нерамномерна е и територијалната распределба. Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништата на Центрите за социјални работи
„Согласно бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11“ стои во соопштението на ДЗР.
Дури и тие што ги има и се користеле голем дел веќе не се во функција открива ревизијата низ фотографии а дел немаат соодветна опрема простор или кадар.
Во извештајот на ДЗР е нотирано дека во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција а родово базираното и семејното насилство беа криминализирани, казните за сексуално насилство зголемени, а фемицидот дефиниран како квалификуван облик на убиство.
„Остануваат предизвици, како недоволно вклучување на граѓанскиот сектор, недоволна криминализација на психичкото насилство и фактот што гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, што ја нарушува ефикасноста на заштитата и го намалува објективното гонење на сторителите поради влијанието и притисокот врз жртвите“ велат од ДЗР.
Според податоци од Центри за социјални работи, покажуваат дека во периодот 2020 – 2023 година се евидентирани вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините.
Според податоците на МВР, во периодот 2018 – 2023 регистрирани се 6.423 сторители на семејно насилство од кои 91% се мажи, од 6.663 жртви 79% се жени.
Национално координативно тело чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и националните политики не ги врши во целост своите надлежности и нема интегриран систем на евиденција на жртвите поради што неможно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци констатираат ревизорите
Без процес на реинтеграција, жртвите ќе останат во ризик од повторна виктимизација, а државата мора да преземе одговорност и да воспостави одржлив систем кој ќе им овозможи на жртвите вистинска шанса за нов живот без насилство заклучуваат ревизорите.
Елена Ивановска Мукоска











