Државниот завод за статистика денеска реагира на вчерашната изјава на професорот Ванчо Узунов за Телма, дека Државниот завод за статистика не објавува податоци за нерамномерна распределба на приходите во рамките на соопштението за Лаекенските индикатори за сиромаштијата. Според ДЗС, тоа е неточно, бидејќи во рамките на соопштението за 2024 година, како и за претходните години, покрај индикаторите за сиромаштијата, објавени се и индикаторите за нерамномерната распределба на приходите.
Според ДЗС, нејасно е дали господин Узунов, како советник во Владата во 2022 година, реагирал што Државниот завод за статистика во тој период не објавувал и не доставувал до Евростат индикатори за сиромаштијата и за нерамномерната распределба на приходите.
Инаку, во периодот од септември 2024 година до денес, Државниот завод за статистика ги објави и ги достави до Евростат Лаекенските индикатори за сиромаштијата за периодот од 2021 до 2024 година. Станува збор за коефициентот на Џини, кој во 2024 година за Македонија изнесува 29,1 % и бележи годишен пад од 1,2 процентни поени.
Коефициентот на Џини за Европската Унија – просек за 27-те земји членки, изнесува 29,4 %, додека на ниво на еврозоната – просек за 20 земји, овој коефициент е 29,9 %. За земјите од регионот, коефициентот на Џини во 2024 година изнесува: за Хрватска – 29,8 %, за Србија – 31,9 %, за Бугарија – 38,4 %, за Грција – 31,8 % и за Романија – 28 %.
Во продолжение целосната реакција од Државниот завод за статистика на изјавата на проф. д-р Ванчо Узунов:
Изјавата на професорот Ванчо Узунов во вестите на телевизија Телма, на ден 28.12 2025 година, дека Државниот завод за статистика не објавува податоци за нерамномерна распределба на приходите во рамките на соопштението за лаекенските индикатори за сиромаштијата е целосно неточна. Имено, во рамките на соопштението за 2024 година, како и за претходните години, покрај индикаторите за сиромаштијата, објавени се и индикаторите за нерамномерната распределба на приходите.
Нејасно е дали господин Узунов, како советник во Владата во 2022 година, реагирал што Државниот завод за статистика во тој период не објавувал и не доставувал до Евростат индикатори за сиромаштијата и за нерамномерната распределба на приходите.
Во периодот од септември 2024 година до денес, Државниот завод за статистика ги објави и ги достави до Евростат лаекенските индикатори за сиромаштијата (што ги содржат и индикаторите за нерамномерната распределба на приходите) за 2021, 2022, 2023 и 2024 година.
Поконкретно, станува збор за коефициентот на Џини, кој во 2024 година за нашата земја е 29.1 % и бележи годишен пад од 1.2 процентни поени. Во 2021 година, Џиниевиот коефициент бил 30.3 %, во 2022 година е забележан годишен пад од 0.5 процентни поени и истиот изнесува 29.8% за да во 2023 година поторно се искачи на 30.3%
Коефициентот на Џини за Европската Унија – просек за 27-те земји членки, е 29.4 %, а на ниво на еврозоната – просек за 20 земји, овој коефициент е 29.9 %.
За земјите од регионот, коефициентот на Џини во 2024 година изнесува: за Хрватска – 29.8 %, за Србија – 31.9 %, за Црна Гора (за 2022 година) – 31.5 %, за Бугарија – 38.4 %, за Грција – 31.8 % и за Романија – 28 %.
Втор индикатор што ја изразува нерамномерната распределба на приходите е таканаречениот квинтилен сооднос на приходите S80/S20, кој во 2024 година изнесува 5.2 % и бележи годишен пад од 0.4 процентни поени.
Што се однесува на изјавата на професорот Ванчо Узунов дека стапката на сиромаштијата пред социјалните трансфери и пред пензиите од 39.4 % во 2024 година е многу висока, треба да посочиме некои факти. Имено, според податоците на Евростат за 2024 година, стапката на сиромаштијата пред социјалните трансфери и пред пензиите во ЕУ (27) е 42.8 %. По земји, највисока стапка има Словачка – 46.9 %, следат Италија – 46.8 %, Франција – 46.3 %, Бугарија и Полска – 46.1 %, Грција –
44.9 % Шпанија – 42.6 %, Белгија и Австрија – 42.5 %. Од регионот, покрај Бугарија и Грција, кои се во водечките 10 земји од ЕУ со највисока стапка на сиромаштија пред социјалните трансфери и пред пензиите, во Србија таа е 41.6 %, во Хрватска, како и во Македонија, е 39.4 %, додека во Словенија е најниска и таа изнесува 38.2 %.
Во однос на стапката на сиромаштијата, во 2024 година таа изнесува 21.9 % и бележи годишно намалување од 0.3 процентни поени. Потенцираме дека се работи за релативна стапка на сиромаштија, а не за стапка на екстремна сиромаштија. Оваа стапка на сиромаштијата е остварена во услови кога прагот на сиромаштијата за четиричлено домаќинство (2 возрасни и 2 деца помали од 14 години) во 2024 година изнесува 374 400 денари и е зголемен на годишно ниво за 23 %. Во 2023 година, стапката на сиромаштија изнесува 22.2 %, додека во 2022 година таа изнесува 22.9 %.
Во 2021 година е забележан значителен раст на стапката на сиромаштијата на годишно ниво, кога стапката на сиромаштија изнесува 23 %, пред сè, како резултат на пандемијата.
Споредено со другите земји, во 2024 година процентот на сиромашни лица во Бугарија изнесува 21.7 %, во Хрватска 20.3 %, во Турција 22.2 %, во Србија 19.7 %, во Грција
19.6 %, во Романија 19 %, во Црна Гора 20.3 % (податок за 2022 година) итн. Просечната стапка на сиромаштијата на ниво на Европската Унија изнесува 16.2 %.
Очигледно дека намалувањето на ризикот од сиромаштија е предизвик за сите земји од регионот. Сепак, вредно е да се напомене дека ова е релативен индикатор и теоретски и практично тој не може да се сведе на нула. Секогаш ќе има домаќинства со доход понизок од дефинираниот праг на сиромаштијата, кој изнесува 60 % од медијалниот доход.