Советот на Општина Центар, на денешната вонредна седница, едногласно донел одлука за доделување на парична помош од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани.
Седницата, соопштија од Општина Центар, започнала со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.
Герасимовски потенцирал дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто, рекол, што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно.
„Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени“, истакнал Герасимовски.
Од Општина Центар соопштија дека семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на Град Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120.
И Општина Кисела Вода донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката беше донесена едногласно, на денешната вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода. Седницата на Советот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.
„Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите, со сите кои загубија свои најблиски, како и со повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување. Ова е незамислива и ненадоместлива загуба за целото општество. Во знак на сочувство и солидарност, Општина Кисела Вода донесе едногласна одлука да донира еден милион денари за семејствата на настраданите. Ова е само мал гест на поддршка, но во овие моменти е многу важно да бидеме обединети, да си помагаме и да се грижиме едни за други. Нека почиваат во мир сите што ги загубија животите, а нивните семејства нека најдат сила да ја пребродат оваа огромна болка“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.











