Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Една битка по друга“ победник на 98-те Оскари – политичките говори во фокусот на церемонијата

/

пред 202 дена

Сподели преку :

Филмот „Една битка по друга“, по сценарио и режија на Пол Томас Андерсон, победи на 98-то доделување на наградите Оскар, што се одржа ноќеска во Долби театарот во Лос Анџелес. Филмот имаше 13 номинации, а освои 6 статуетки – за најдобро остварување, за режија, за адаптирано сценарио. Актерот Шон Пен освои Оскар за најдобра споредна машка улога, но не присуствуваше на церемонијата за да го земе. Беа наградени и Енди Јиргенсен за монтажа и Касандра Кулукундис за кастинг.

„Една битка по друга“ зборува за група бунтовници кои се борат против авторитарна власт која ги затвора мигрантите во кампови. Па, обраќајќи се пред присутните по врачувањето на Оскарот за сценарио, Андерсон потсети на актуелната политичка стварност.

„Го напишав овој филм за моите деца, за да им се извинам за нередот што им го оставивме во овој свет. Но, исто така, и како охрабрување дека тие, се надеваме, ќе бидат генерацијата што ќе ни донесе малку здрав разум и пристојност. За моите Про, Луси, Џек и Ајда. Ве сакам! Ви благодарам многу! Благодарам“, рече режисерот Пол Томас Андерсон.

По филмот на Андерсон, „Грешници“ на режисерот Рајан Куглер е втор по освоените награди. Иако ова хорор остварување имаше 16 номинации, освои 4 Оскари – за најдобро оригинално сценарио, најдобра камера, најдобра филмска музика и најдобра машка главна улога за Мајкл Б. Џордан. Режисерот Куглер, со Оскарот в раце за најдобро оригинално сценарио, им се заблагодари на соработниците на филмот и на неговото семејство.

„Секој ден поминат со вас е подобар од оној претходниот“, кажа режисерот Куглер.

Актерот Хавиер Бардем, ангажиран да го соопшти добитникот на Оскар за најдобар странски филм, беше директен уште на црвениот килим.

„Имаме прекрасна можност да кажеме нешта како „не“ за војната, „не“ за оваа илегална војна што создава многу смртни случаи. Оваа е истата значка што ја носев пред 23 години, во 2003 година, поради илегалната војна во Ирак. И овде сме во истата позиција, „Слобода за Палестина“ и „Стоп за геноцидот““, вели актерот Бардем.

Оскарот за најдобар странски игран филм отиде кај „Сентиментални вредности“ на норвешкиот режисер Јоаким Трир, кој исто така ги искритикува светските лидери.

„Секое дете што умира во војна е одговорност на сите возрасни што ги избрани политичари. А, многуте диктатури што ги гледаме, покажуваат дека ова време повторно бара „силни мажи““, рече режисерот Трир.

И вештачката интелигенција беше „на тапет“ на Оскарите. Со неа на почетокот се пошегува водителот на церемонијата, Конан О’Брајан.

„Јас сум Конан О”Брајан и јас сум последниот човечки домаќин на наградите на Академијата“, кажа О” Брајан.

Оскарот за најдоба женска улога го понесе Џеси Бакли за улогата во филмот „Хамнет“, а за споредна женска улога Оскарот отиде кај Ејми Мадиган, за улогата во филмот „Оружје“. Филмот „Франкенштајн“ освои оскари за костимографија, шминка и за дизајн на продукција, а „Аватар: Оган и пепел“ е награден за визуелни ефекти. „К- поп Ловци на демони“ е награден за најдобар анимиран филм.

Сотир Трајков