„Русија е подготвена да го дестабилизира Балканот, балканските земји треба да се здружат“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот во Тирана посветен на безбедносните прашања и поддршката за Киев во борбата против инвазијата од Москва. На настанот именуван како „Украина – Југоисточна Европа“, тој нагласи дека Европа треба да биде простор во кој секоја земја сама ќе си ја одредува судбината. Изрази подготвеност и за зголемена соработка со Западен Балкан, особено во областа на производството на муниција.
„Имаме одлуки, но она што ни треба е да преживееме, а тоа значи дека се за што сме се решиле, без оглед на тоа дали се тоа договори и помош, мора да стигнат на време. Тоа е најголемата и најсуштинската иницијатива на сите, да ни обезбедат помош на време доколку можат, ако веќе донеле таква одлука да не поддржат. Мислам дека ова е прашањето за тоа дали ќе преживееме или не“, изјави Зеленски.
Албанскиот премиер Еди Рама потенцираше дека заедничката амбиција за членство во европското семејство е обединувачкиот фактор, но предупреди – доколку Брисел го загуби интегритетот, човековите права и реформите ќе почнат да се распаѓаат, а руското влијание ќе се зголемува.
„Неколку пати видовме во овој регион, а и сега гледаме како руското влијание носи нестабилност во една, друга, трета земја. Ако сме обединети, тоа е поради заедничката аспирација да станеме дел од Европската унија. Но ако оваа аспирација почне да се намалува бидејќи ЕУ почнала да ја губи моќта или интегритетот, тогаш полесно ќе биде да се оди на кавијар, шампањ и крв наместо на реформи, демократија и човекови права“, изјави Рама.
Во заедничката декларација се наведува дека учесниците едногласно ја осудуваат руската агресија врз Украина. Во изјавата, објавена на вебстраницата на албанската Влада, се наведуваат имињата на учесниците, кои ја поддржале декларацијата, меѓу кои и македонскиот и претседател Стево Пендаровски. Во своето обраќање на пленарна сесија, тој оценил дека Македонија била меѓу првите земји кои ѝ пружиле на Украина воена и хуманитарна помош.
„Денес од Тирана, мора да ветиме дека и натаму ќе ја пружаме нашата непоколеблива поддршка, сѐ додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одрази аспирациите на украинскиот народ“, порача претседателот Пендаровски.
Самитот во Тирана се случува во период на интензивирање на руските напади на истокот од Украина, како и повлекувањето на украинските сили на делови од фронтот, пред сѐ, поради недостигот на вооружување и муниција кои доаѓаат од НАТО – сојузниците и од САД.
Маја Стојаноска-Филдишев











