Деветмесечното дивеење на војната во Украина на земјата и донесе огромни еколошките штети кои постојано се зголемуваат, а експертите предупредуваат на долгорочни последици. Нападите на Москва врз складиштата за гориво испуштија токсини во воздухот и подземните води, што пак ги загрозуваат биодиверзитетот, климатската стабилност и здравјето на населението. Дел од експертите пресметаа дека по овој основ предизвиканата штета досега надмина 37 милијарди долари.

Гледаме дека влијанието врз животната средина ќе биде толку големо што ќе треба да се решава многу, многу години. Но, има малку што може да се направи за животната средина и тешко е да се запре загадувањето кога има непријателства, вели Дмитро Аверин експерт за животна средина од ЗОИ Еколошката мрежа.

Поради војната, повеќе од 6 милиони Украинци имаат ограничен или немаат пристап до чиста вода, а повеќе од 280.000 хектари шуми се уништени или исечени. Домот на жителката на Демидив, Ирина Стеценко, е во близина на реката Ирпин, на 40 километри северно од Киев, беше поплавен кога Украина уништи брана за да ги спречи руските сили да влезат во главниот град Киев само неколку дена по почетокот на војната. Неколку недели подоцна, водата од нејзината чешма стана кафеава од загадувањето.
Немаме избор. Имаме ли избор? Не, немаме. Бевме поплавени – дали сакавме? Не, не сакавме. Моите баба и дедо се деца на војната, а сега моите деца се воени деца. Што да кажам? Па сега ништо не нè чуди. Вода има – вода нема, што да правиш?, вели Ирина Стеценко, жител на Демидив, село во Украина.
Ја поплави градината, собори дрвја, има мувла во мојата куќа. Мувла во шпоретот, мувла во куќата. Но во оваа куќа воопшто нема живот, целата куќа е поплавена, додава Олга Лехан, жител на Демидив, село во Украина.

Опсерваторијата за конфликти и животна средина и мрежата за животна средина ЗОИ, откри докази за загадување во езерцето во градот Калинивка, околу 30 километри југозападно од главниот град, откако складиштето со гориво што се наоѓа во непосредна близина беше погодено од руски проектил. Езерцето, кое се користи за рекреација, како и за рибна фарма, покажа висока концентрација на мазут и мртви риби на површината директна последица од нафтата што навлегла во водата.
Украина никогаш не била толку загадена. Сигурно, никогаш немало време да се испуштаат толку многу загадувачи. Дел од загадувањето, а особено делот што е составен од нерециклирачки загадувачи кои биле складирани таму, претходно не биле пуштени во животната средина. Тие места беа уништени, а загадувањето продолжува да се ослободува, смета екологистот Олекси Василиук.

Најтешко погодените области се во поиндустриските источни региони Доњецк и Луганск, каде борбите меѓу владините трупи и проруските сепаратисти се водат од 2014 година. Директната изложеност на азотниот диоксид, кој се ослободува од согорувањето на фосилните горива во голем дел од завојуваните региони може да предизвика иритација на кожата и изгореници, додека хроничната изложеност може да предизвика респираторни заболувања и да и наштети на вегетацијата.
Александар Петрески











