Професорот на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, Далибор Јовановски, предупредува на внимателност и воздржаност во периодот пред издавањето на томосот за Македонската православна црква, од страна на Вселенската патријаршија.
Треба да причекаме како ќе оди овој процес, кога ќе дојде томосот за автокефалност, како ќе изгледа тој томос за автокефалност, под кое име ќе биде призната МПЦ. Бидејќи сите балкански православни цркви освен седиштето на митрополиите, или на архиепископиите, или на патријрашиите го имаат и името на државата. Затоа треба да причекаме и да бидеме мошне воздржани, изјави професорот Јовановски во вечерашанта Топ Тема на Телма.
Јовановски смета дека е премногу рано за вадење било какви претпоставки, во однос на томосот и што тој ќе содржи, а освен името, важно ќе биде и не која територија ќе се однесува. Јовановски посочува дека надворешните епархии на повеќето православни цркви се под јурисдикција на Вселенската патријаршија.
Зависи како ќе се избори нашата црковна дипломатија. Бидејќи знаеме дека МПЦ имаше проблем во Австралија, со тамошната епархија. Сега, вештина е на црковната дипломатија, како ќе стигне до тој томос и што тој ќе опфаќа. Од она што го читаме можеме само да вадиме некои претпоставки кои на крај може да се покажат како целосно неточни, посочува јовановски.
Според Јовановски, веќе прашањето не е дали ќе има томос или не, туку каков тој ќе биде, и затоа повикува на подобро информирање на јавноста за да нема разочарување.











