И покрај одредени позитивни поместувања, транспарентноста во работењето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители и понатаму не достигнува задоволително ниво, додека финансиската независност на судството останува предизвик, што влијае врз неговата независност. Ова го констатира Извештајот во сенка за поглавјето 23 на Институтот за европска политика, за периодот октомври 2024 – септември 2025, кој во делот за Судскиот совет, како управувачко тело во судството, наведува дека во надгледуваниот период биле поднесени 159 барања за утврдување на судиска одговорност, од кои била запрена постапката за 22 предмети, за три имало дисциплински мерки, од кои биле разрешени само двајца судии.
„Судскиот совет треба да обезбеди конзистентност, пропорционалност и предвидливост при водењето на постапките за утврдување одговорност на судија и претседател на суд, со цел зајакнување на правната сигурност и довербата во дисциплинските механизми“, се наведува во Извештајот.
За професионалност и надлежност на судиите се наведува дека е потребно ревидирање на правилникот за оценување на судиите при избор и унапредување во повисок суд, за да се имаат јасни, мерливи и недвосмислени критериуми што ќе ја ограничат дискрецијата и ќе обезбедат еднаков третман на кандидатите.
„Потребно е Судскиот совет јавно и навремено да ги објавува ранг-листите на кандидатите за избор и унапредување во повисок суд, вклучително и бодовите по поединечни критериуми, како и јасни и детални образложенија за донесените одлуки или за секое отстапување од ранг листата“, се наведува во Извештајот на ЕПИ.
За ефикасноста на судството, според податоците од Годишниот извештај на Судскиот совет за 2024 година, судовите во таа година не успеале да го совладаат приливот на предмети и го зголемиле заостатокот на предмети на 3.724 предмети. Од вкупно 34 суда, 18 биле ажурни, додека 16 суда биле неажурни, вклучително Вишиот управен суд, три апелациски суда и 12 основни суда.
Тамара Грнчароска











