Европските регулатори го казнија денеска „Тему“ со 200 милиони евра (235 милиони долари), откако истрагата на ЕУ утврди дека кинеската компанија за онлајн трговија не презела доволно мерки за да ги заштити потрошувачите од нелегални производи.
Казната од Европската Унија следува по прелиминарните наоди од минатата година дека „Тему“ ги изложувал потрошувачите на висок ризик од производи што се продаваат на платформата, како бебешки играчки и мали електронски уреди кои не ги исполнуваат правилата на ЕУ за безбедност на потрошувачите.
Извршното тело на ЕУ ја изрече казната според законот за дигитални услуги, кој бара онлајн платформите да направат повеќе за да ги заштитат интернет-корисниците од штетна содржина или сомнителни производи, под закана од високи казни.
Кинеската компанија е популарна затоа што нуди евтини производи — од облека до производи за домот — кои се испраќаат од продавачи во Кина.
Платформата има 92 милиони корисници во ЕУ и е во сопственост на „PDD Holdings“.
Европската комисија соопшти дека „Тему“ не успеал да ги идентификува, анализира и процени системските ризици од нелегални производи што се продаваат на платформата и штетата што тие им ја предизвикуваат на европските потрошувачи.
Комисијата додаде дека непостапувањето соодветно при проценката на ризиците претставува особено сериозно прекршување на дигиталните правила на ЕУ.











