Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Филипче одби лидерска средба, Мицкоски му порача дека е незрел

/

пред 278 дена

Сподели преку :

Претседателот на СДСМ експресно одби да присуствува на најавената лидерска средба, премиерот му порача дека е незрел. За Филипче техничката влада мора да остане, затоа што е единствениот механизам за контрола на власта која, според него, ги узурпира институциите. Го обвини Мицкоски дека е во тесно и дека брза кон предвремени избори за да спроведе агенда за прифаќање на мигранти за пари.

„Средба со криминалци нема да има, нема средба за техничката влада. Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори. Ова што се случува е сценарио кое што е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци- предвремени избори, па мигранти за пари“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Што се однесува до реформските закони за кои, исто така, требаше да се разговара на средбата, Филипче ја обвини владата дека воспоставила контрола врз правосудството и обвинителството со измените на Кривичниот законик, за кои тврди дека се спротивни на препораките на ЕУ, како и со законски решенија со кои, според него, се ограничува слободата на говор и се врши партизација на полицијата. Доколку не биле овие чекори на власта, вели, можеби и можело да се разговара.

За Мицкоски ова е збунувачки и несериозан потег, со оглед на тоа што до неодамна Филипче и самиот бараше лидерска средба. Му порача дека, да е незрел како него, лесно може да ја укине техничката влада и без СДСМ, но сака да покаже конструктивност.

„Ако ние се однесуваме неодговорно како што се однесува тој и генерално опозицијата, нам не ни е потребна лидерска средба. Ние со 61 глас може да го смениме Законот за влада и да ја избришеме техничката влада, не ни е потребно мислењето на опозицијата. Но, сакавме процесот да биде инклузивен и покрај тоа што имаме огромно мнозинство градоначалници, речиси двотретинско мнозинство во Парламентот, така што, ако сакавме да се однесуваме незрело и неодговорно како што се однесуваат тие, можевме и без лидерска средба“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски најави дека сепак ќе испрати и официјални покани за средбата која ја планира за 14 јануари. На неа, покрај укинувањето на техничката влада, треба да се разговара и за Изборниот законик, Законот за јавно обвинителство, Народниот правобранител и сите преостанати закони од реформската агенда. Што се однесува до изборите, и понатаму тврди дека тие не му се приоритет, туку реформите.

Од ДУИ чекаат официјална покана, по што ќе изградат став за тоа, дали ќе присуствуваат на лидерската средба.

Далиборка Демјанска Цветановска