Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска испрати порака до премиерот Христијан Мицкоски, од кого побара заедно да се донесат уставните измени, затоа што како што рече, „постои волја во Европската Унија, после повеќе од 15 години, повторно да се активира проширувањето. Во спотивно земјата ризикува, кога ќе се се разговара за буџетите во Европската Унија, можно е да не бидеме земени предвид.
„Го повикувам Христијан Мицкоски и власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа, ќе ја споделиме одговорноста за тој чин, ние како коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Истовремено, имајќи предвид дека, како што била праксата во сите земји — Хрватска, Бугарија и понатаму — кога траеле преговорите, сите партии работеле заедно, сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што, што понатаму ќе се случува во текот на преговорите.
Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и така натаму, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес на водење на преговорите, рече Филипче.
Тој апелира да не се пропушти моментот.
-Само две земји не се влезени во Европската Унија како дел од пакет, а тоа се Хрватска и Грција. Што значи дека, со сите геополитички случувања, кога се разговара за решение за Молдавија и тоа дали ќе биде во контекст на Романија или не, и за Украина, тоа е уште една потврда дека проширувањето е високо на приоритетната листа на Европската Унија. Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении понатаму да бидат затворени, вели тој.











