Со приватна финансиска донација Кинотеката на Македонија со откуп на филмски материјал го збогати фондот со значајни историски записи. Станува збор за филмски журнали од серијалот „Филмске новости“, кои во периодот од 1957 до 1972 година биле снимени во тогашната Република Македонија. Филмските журнали беа прикажувани пред проекциите на играните филмови ширум кината во Југославија, а претставуваа кратки информативни филмови за актуелни случувања во државата.
Пред појавата на телевизијата тие беа и единствени аудивизуелни записи преку кои населението се информираше.

„Кинотеката на Македонија го започна откупот на архивските материјали од „Филмске новости“ пред неколку години и до сега се откупени филмските материјали до 1956 та година“, рече Бошко Грујоски, директор на Кинотека на Македонија

„Само неколку зборови за фондот на Филмске новости, тоа се вести или т.н филмски журнализам на тоа време. Постарите веројатно паметат дека пред секој филм одеше филмски журнал и како и денешните вести тогаш најпрвин беа значајните политички посети и личности и датуми, индустриски објекти и изградба , за да како и денеска впрочем да заврши со култура и со спорт“, рече Игор Старделов, раководител на архив на Кинотека на Македонија.

„Своевремено без журналот не можела да се замисли ниту една претстава дури и во најодалечените киносали во внатрешноста. Колкаво било значењето на Филмске новости како своевидна информација и облик на масовно културно влијание станува јасно кога ќе го земеме предвид податокот дека во средината на шеесетите години на минатиот век тие биле прикажувани на повеќе од 500.000 претстави годишно во киносалите ширум Југославија“, изјави проф. д-р Драгица Поповска, Институт за национална историја.











