Со казни и видео назор, Општина Тетово ќе се справува со несовесните граѓани кои фрлаат отпад на недозволени локации. Општина Тетово постави камери на шест критични локации, а засилени се и контролите на терен. За пет месеци инспекторите затекнале 100-тина граѓани кои несоодветно депонирале отпад.
„Досега се изречени 18 казни за прекршоци во висина од по 50 евра, додека уште 35 предмети се во постапка. Исто така, предупредени се 60 граѓани за непочитување на регулативата, при што е нагласена важноста од одржување на јавната чистота“, изјави Бесарт Рамадани, портпарол на Општина Тетово.
Надлежните институции да постапуваат соодветно по прекршоците и казните кои до нив ги доставуваат од Општината, за и граѓаните да сфатат дека мора да внимаваат каде фрлаат отпад, порачува градоначалникот Биљал Касами.
„Полицијата, обвинителството и судството посериозно да го сфатат овој проект на Општина Тетово, затоа што има ситуации каде што ние покренуваме постапка, но кога доаѓа во суд, односно обвинителство, тие не го гледаат како сериозен прекршок и не преземаат соодветни мерки ако не се заврши со преземање соодветни мерки сигурно граѓаните ќе продолжат по старо, особено тие кои се несовесни“, порача Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.
Најава за поставување видео надзор на местата каде се создаваат мини депонии доаѓа и од соседната Општина Јегуновце, која првиот комунален инспектор го доби минатиот месец. Градоначалникот вели дека има неколку места кои ги чистат, но по некое време повторно се полнат со смет.
„Ние кога дојдовме ги исчистивме посебно покрај регионалните патишта, а сега во моментов има на две-три локации каде што несовесни граѓани имаат фрлено смет. Ќе ги исчистиме овие денови и ќе преземеме мерки тоа да не се повтори. Се надевам со новиот буџет ќе предвидиме камери“, вели Димитар Костадиновски, градоначалник на Општина Јегуновце.
„Да ја подигнеме свеста на самите жители. Јас доаѓам од оваа општина, секој сака да живее во подобра општина и поздрава животна средина. Ќе пристапиме со опомени, до секој еден жител ќе им укажеме, последна цел би била казните“, рече Стојанче Антовски, комунален инспектор во Општина Јегуновце.
Сите полошки општини се соочуваат со истите проблеми со несоодветно одлагање на отпад. Општина Теарце неодамна исчисти дел од местото викано Паравиште, каде граѓаните несовесно фрлаа смет.
Данијела Билбилоска











