Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски информира дека била фрлена експлозивна направа во нивниот партиски клуб што се наоѓа во Тетово. Во соопштението на ПЦЕР нема информации за повредени луѓе, а се вели дека има голема материјална штета.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека на 21.10.2024 година беше фрлена експлозивна направа во клубот на ПЦЕР. Искршен е прозор на влезната врата од штабот. Најостро го осудуваме овој чин на нетолеранција и непочит кон нас и кон Ромите од овој град и од целата држава. Ги повикуваме надлежните институции од Република Северна Македонија да го истражат случајот и навремено да постапат“, пишува Ибраимовски во соопштение до медиумите.
Бомбата не експлодирала, а увидот на местото е завршен. Според Ибраимовски, сторителот се вратил на местото за да види дали ја активирал експлозивната направа
„Видеоснимки постојат и ќе се најде сторителот. Во 4:23 часот дошол пред клубот, го скршил стаклото и ја оставил бомбата. Имал храброст да се врати и да проверува дали ја активирал или не. Среќа што бомбата не била активирана, сигурно би направила голема штета“, потенцираше Ибраимовски.
Од МВР потврдуваат дека се повикани, но според информациите од терен, во штабот на ПЦЕР немало експлозија а скршен е излогот.
Клубот на ПЦЕР се наоѓа на улицата „Иво Лола Рибар“ во Тетово. Беше објавена и фотографија од бомбата пред излогот на партиското седиште.












