Хуманитарната катастрофа која и се заканува на Газа заради блокадата на помошта во храна за Палестинците која ја спроведува Израел станува сѐ поочигледна.
Еврејската држава, која сите свои постапки ги оправдува со потребата да се уништи Хамас, се пожестоко влегува во конфликт со меѓународните организации во системот на Обединетите Нации кои се обидуваат да им помогнат на цивилите зафатени од израелската офанзива.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека само во последните 48 часа, вкупно 33 луѓе, вклучувајќи и 12 деца починале заради неисхранетост и глад.
Итен прекин на израелската блокада и доставување на храната, едногласно побараа меѓународните организации.
Кога станува збор за неисхранетост, ситуацијата во Газа е ужасна. За да се прогласи глад, постои посебна процедура, но знаеме дека луѓето се гладни, дека децата се неисхранети. Ги видовме сите слики и сето ова мора да запре. Мора да има начин да се достави храната.
Една четвртина од населението се соочува со услови како глад и речиси 100 000 жени и деца страдаат од тешка, акутна неисхранетост и што е можно потребно им треба нега.
Истовремено светската здравствена организација потврди дека во копнената офанзива на Израел во централна Газа се загрозени обидите на СЗО да продолжи со својата работа.
Агенцијата на Обединетите Нации ги обвини израелските сили дека ја нападнале зградата каде е сместен персоналот на СЗО и нивните семејства во градот Деир ал-Балах, а нападнат и уништен бил и главниот магацин на СЗО.
Според овие информации, вработените во СЗО биле нападнати три пати а вработените и нивните семејства, вклучувајќи ги и децата, биле изложени на сериозна опасност и трауматизирани откако воздушните напади предизвикале пожар и поголема материјална штета.
„Израелската армија влегла во објектот, присилувајќи ги жените и децата да се евакуираат пеш кон ал-Маваси и покрај активните судири. Мажите кои биле дел од персоналот на СЗО и членови на нивните семејства биле врзани со лисици, присилени да се соблечат, испрашувани директно на таа локација“ – се додава во соопштението на СЗО.
Никола Илиевски











