Педесет и девет нечии синови, ќерки, внуци, братучеди, на прагот на младоста, некои сè уште деца, синоќа се дотераа, нашминкаа и весели заминаа на концерт. До 3 часот утрово пееја и играа на песните од ДНК, се сликаа за Инстаграм, им испраќаа видеа на блиските, несвесни дека тој дигитален запис ќе биде и последниот спомен од нив над кој тие доживотно ќе плачат.
Една искра, по која следеа и други, за само неколку минути ги прекинаа плановите за матурски прослави, положени испити, љубов, патувања, живот. Во панично стампедо беа изгазени нивните надежи, успеси, шанси, можности. Немаа никаква шанса против немарноста, алчноста, корумпираноста, единствениот тесен излез, прозорецот со решетки, евтините изолациски материјали.
Педесет и девет семејства вечерва плачат. На 145 други душата им трепери пред болниците низ Скопје, Штип и Кочани. Само мал дел успеаја да си ги прегрнат и земат своите повредени чеда на лекување дома. Дваесет останаа пред болничките кревети во Клиничкиот центар, 20 во ГОБ „8 Септември“, 21 во „Свети Наум Охридски“, 20 во Клиничката болница во Штип, 7 во кочанската болница, двајца на Токсикологија.
Четириесет и четворица ги испратија во неизвесност, во рацете на странски доктори – 17 во Србија, 14 во Бугарија, 9 во Турција, 4 во Грција. Ноќеска и утре наутро, четворица ќе заминат за Хрватска и четворица во Романија. Има можност по четири лица да заминат и за Словенија и Унгарија, како и шест во Австрија.
Утре во Македонија ќе пристигнат и специјалисти за изгореници од Израел, Белград и од Прага, кои ќе им помогнат на домашните медицински тимови. Во меѓувреме, состојбата ја следи конзилиум од домашни лекари.
Меѓу загинатите се и седуммина од тимот на ДНК. Покрај главниот вокал, Андреј Ѓорѓиески, меѓу загинатите се и Филип Стевковски, Андреј Коларов, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Сара Пројковска, Игор Велков и Мартин Атанасовски – Буцо, додека Владимир Блажевски-Панчо е хоспитализиран со изгореници, но е надвор од животна опасност. Ана Костадиновска, придружен вокал, се лекува дома. Дел загинаа, обидувајќи се да ги спасат оние со кои цела вечер заедно го славеа животот.
Далиборка Демјанска Цветановска











